Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) предупреди дека во Јемен повторно ќе избие епидемија на колера, доколку на хуманитарните организации не им се даде безусловен пристап за да го спречат тоа.
Регионалниот директор на Агенцијата за Блискиот Исток и Северна Африка, Герт Капеларе изјави дека за три години, од почетокот на граѓанската војна во 2015 година, бројот на сиромашните деца во Јемен од 200.000 се зголемил двојно, а уште половина милион деца веќе не одат на училиште.
Иако бројот на сомнителни случаи на колера се намали во последниве месеци, минатата година болеста се прошири во Јемен и зафати еден милион луѓе.
– Да не се лажеме. Колерата ќе се врати. За неколку недели започнува дождовната сезона, и без огромна инвестиција таа ќе го нападне јеменското население и посебно децата, изјави Капеларе на прес-конференција во главниот град на Јордан, Аман.
Регионалниот директор изјави дека двете страни во војната – владините сили, поддржани од Саудиска Арабија и бунтовниците, поддржани од Иран – го блокирале или одложиле снабдувањето со хуманитарна помош, вклучувајќи опрема за соларна енергија и гориво потребни за подобрување на пристапот до чиста вода.
Капелаере истакна дека време, енергија и пари се потрошени во преговори за хуманитарна набавка, какви што воопшто не би требало ни да се водат.