Луис Хамилтон ги освои денешните квалификации за неделното Гран При на Австралија, со кое ќе биде отворена сезоната 2018 во Формула 1. Пилотот на Мерцедес, призна дека во тимот не го криеле темпото до финишот на последната сесија, туку чекале најдобри услови на патеката за брзиот круг.
Британецот, кој ја брани титулата од минатата година коментираше дека тој и неговиот тим се импресионирани од темпото што го покажале нивните главни ривали Ферари и конкретно, Себастијан Фетел.
Хамилтон се пошегува со ѕвездата на Скудерија со одговор на прашањето зошто толку долго чекал да го нанесе својот удар.
– Го чекав најдобриот момент да ја избришам насмевката од твоето лице, изјави Луис, по што продолжи: „Само се шегувам, вистината е дека во брзата обиколка бев со истите поставувања на моторот, како и претходно во квалификациите. Сепак, морав прво да ги подготвам гумите, за да достигнат оптимална температура, а потоа да ги извлечам максимум од сите сектори во еден круг. Ве уверувам дека немам копче со натпис „забавни поставувања“ на воланот, не сум менувал ништо од втората сесија до крајот денес“, одговори на прашањата Британецот.
Пилотот на Мерцедес изјави дека останал изненаден од темпото на Ферари и Фетел, особено на правците.
– Брзината која ја развиваат е импресивна. Очигледно направиле сериозни подобрувања на моторот за оваа година. Во свиоците сме со блиска брзина, но на правците тие се многу силни. Последната моја обиколка денеска беше најдобрата од почетокот на викендот. Можеби дури можам да кажам – една од најдобрите во мојата кариера, заврши задоволен Хамилтон.