Нема потреба од лидерска средба за надминување на политичката криза во земјава. Таа треба да се разреши во институциите на системот, смета претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
– Јас сум постојано во комуникација со сите домашни и меѓународни фактори. Меѓутоа, состојбата е таква што ќе оценам кога е моментот за сето тоа ја информирам јавноста. Од последните лидерски средби што ги имавме заклучивме дека сепак проблемите треба да се решаваат таму каде што настануваат. Не смееме институциите да ги празниме и местата на одлучување да ги носиме надвор од институциите, изјави претседателот Иванов по денешната посета на Министерството за надворешни работи.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој истакна оти Македонија е подготвена за организирање фер и демократски локални избори.
– Ако видите како поминаа последните избори без забелешки и со високи оценки на ОБСЕ/ОДХР тоа гарантира дека и овие избори ќе бидат фер. Така што не гледам дека би имало нешто тој тек што го воспоставивме на фер и демократски избори да го пореметиме. Меѓутоа, секогаш зависи од политичките актери како ќе ги спроведат изборите, рече Иванов.
Според него, се уште е рано да се каже дали опозицијата ќе ги исполни најавите за бојкот на изборите.
– До март имаме време во кое можеби ќе дојде до договор. Јас секогаш сум оптимист и верувам дека може да се најде решение ако се разговара. Ако постои дијалог, комуникација, решенијата секојпат се можни, рече претседателот Ѓорге Иванов.