Пред Владата на Република Македонија, денеска толпа граѓани протестираа во знак на револт поради преквалификацијата на кривичното дело „убиство“ во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот со смртни последици“ за случајот со четиригодишниот Алмир од Куманово кој почина како последица на удар со возило кое го управувал Бобан Илиќ кој претходно имал караница со родителите на починатото дете.
Граѓаните кои протестираат со себе носат играчки, детска облека како и транспаренти на кои пишува “Нема правда нема мир“, “Правдата е слепа“, “Каде ви е совеста“, “Отиде Зврлевски, дојде Јовески“, “Заев реформинза сите, кога“, но и постери на кои државниот обвинител е со куршум на челото.
Освен за преквалификација на делото граѓаните реагираат и на тоа што возилото со кое беше прегазен Алмир, наместо да биде конфискувано, е вратено на семејството кое пак лично обвинетиот Бобан Илиќ го ставил јавно на продажба по извршеното убиство.
Граѓаните исто така побараа јавниот обвинител кој го води случајот, Сузана Кусигерска од Основното јавно обвинителство – Куманово да биде изземена од процесот. Нејзината одлука за преквалификација ја оспорија четворица јавни обвинители.
Судот за овој случај го укина притворот на првообвинетиот Илиќ поради надминување на законски предвидениот период од поднесување на обвинението. По напуштањето на судницата каде беа дадени завршните зборови, братот на Илиќ им покажа „среден прст“ на семејството на загинатиот Алмир кои стоеа пред судот.
Вчера во вечерните часови, министерот за правда Билен Саљији си поднесе оставка поради како што кажа, разнишаната доверба кај граѓаните која произлегува од преквалификуваното обвинение за Алмир.
Обвинителството го товари обвинетиот Бобан Илиќ дека на 25 јуни 2016 година го убил четиригодишниот Алмир Алиу, по претходна банална вербална расправија со таткото на момчето во кумановскиот Здравствен дом. За истиот настан поднесено е обвинение против три други лица, таткото на детето Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу за сторено кривично дело „насилство“.
Виктор Јованов