Поради огромните трошоци за сопствениците на автомобили, Сингапур петта година по ред го потврди својот статус на најскап град на светот, покажа истражувањето на Економист Интелиџенс Јунит (ЕИУ).
Властите на азиската финансиска метропола определуваат исклучително високи цени за користењето возила со цел да ја намалат на загаденоста и на сообраќајниот метеж. Само дозволата за поседување автомобил чини 30.000 американски долари, а пак обичен патнички автомобил може да чини во просек 75.000 долари.
Второто место го делат Париз и Цирих, а четврти е Хонг Конг. Осло е петти најскап град, на шестото и седмото место – Сеул и Женева, на осмо – Копенхаген, а деветтото и десеттото ги делат Тел Авив и Сиднеј.
Токио и Њујорк по подолго време не се најдоа меѓу десетте најскапи.
Азиските градови обично се најскапи за живот во однос на храната, а европските – во однос на домашните трошоци, средствата за хигиена, рекреација и забава, се вели во истражувањето.
Меѓу најевтините градови пак, се Дамаск, Каракас, Лагос и Карачи.