Дојче телеком планира да укине 1.200 работни места во Германија со цел да заштеди 100 милиони евра годишно.
Планираните намалувања се составен дел од програмата за реорганизирање и треба да бидат спроведени до јуни, пишува германскиот бизнис весник Ханделсблат.
Реорганизацијата, односно намалувањето на бројот на работни места, најпрво ќе ги опфати одделите за маркетинг, оданочување и администрација.
Весникот Ханделсблат наведува дека компанијата мора да насочи повеќе ресурси во инфраструктурата за широкопојасен пристап до интернет, за мобилни интернет услуги и телекомуникациски мрежи, поради што планира да вработи повеќе работници во некои од тие оддели.
Дојче телеком на почетокот на декември 2012 година најави дека во следните три години ќе инвестира 30 милијарди евра во модернизирање на фиксната и мобилна мрежа, најпрво во Германија, а потоа и во САД.
Само за оваа година планирани се инвестиции во вредност од 9,8 милијарди евра.