Помошта за санирање на дел од штетите што ги предизвикаа поплавите во Гостиварско ќе биде реализрана откако советот на општина Гостивар ќе ја достави одлуката до локалната самоуправа, велат од општина Гостивар.
Иницијативата за надомест беше покрената на последната седница на Советот и ставена на дневен ред, но не се изгласа, бидејќи беше прекината и одложена. За санирањето на штетите, според предлогот треба да бидат издвоени еден милион денари.
– Локалната самоуправа е подготвена парично да ги помогне семејствата кои минатиот викенд претрпеа штети од поплавување на имотите. За да се реализира, ќе треба да ја добиеме одлуката од Советот и соодветна комисија да направи проценка на штетите. Правиме напори што побрзо да им излеземе во пресрет на сограѓаните, вели Јасин Демири портпарол на општина Гостивар.
Брзото топење на снегот поради високите температури, придружено и со врнежи од дожд, предизвика излевање на повеќе водотеци на подрачјето на општината. Општина Гостивар има формирано кризен штаб, кој редовно заседава и ја следи состојбата. Изминативе четири дена, механизрани екипи работеле на критични места со што биле спречени поголеми штети.
Излевањата на вода од Вардар и каналите за наводнување поплавија над 150 куќи во селата Балиндол, Форино, Беловиште и населбите Бањешница и Грудајца. Според проценките на крзиниот штаб, засега нема посериозни закани од влошување на состојбата, а екипи постојано ја следат директно од терен.