Пилотот на Мерцедес и актуелен светски шампион, Луис Хамилтон зборуваше позитивно по првиот „подобар“ ден од предсезонските тестови во 2018 година, и откако го направи најбрзиот круг.
– Направив само 69 круга, но дефинитивно можам да кажам дека болидот е подобар од минатата година, изјави четирикратниот шампион во Ф1.
Британецот го спореди „В09“ како постара сестра на автомобилот од 2017 година, бидејќи нема значителни разлики во возењето, но чувството е подобро. Тој додаде дека му треба повеќе балансирање, но изгледите се многу позитивни.
Запрашан дали веќе размислува за освојување на петтата светска титула, Луис одговори дека сега е целосно фокусиран на можностите на новиот автомобил.
Хамилтон, исто така, истакна дека се надева на поголема конкуренција во челото, бидејќи тогаш предизвикот е поголем.
– Дефинитивно кога битката е поблиска, чувството за победа е подобро, додаде Луис Хамилтон.
Четирикратниот светски шампион, исто така, нагласи дека би било добро за сите да се натпреваруваат на исто рамниште за да се види јасно кој е број еден.