Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер на косовските власти им порача да го ратификуваат договорот за демаркација на границата со Црна Гора. Тој изрази задоволство, што заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседство Јоханес Хан, токму во Приштина ја завршува балканската турнеја.
„Нашата објавена стратегија го покрива целиот Западен Балкан. Вредностите и праведната држава треба да бидат камен-темелник на европската удобност. На тој начин, Косовците ќе најдат побезбедна иднина во Европа. Важно е вашето Собрание што побрзо да гласа за демаркација со Црна Гора. Тоа е неизбежен клучен чекор кон визната либерализација“, изјави Јункер на заеднчката прес-конференцја со косовскот претседател Хашм Тачи.
Тој рече дека косовските власти треба поенергично да се борат против криминалот и корупцијата. „Сите напори за борба против криминалот и корупцијата да се продлабочат. Претседателот ни даде некои документи, со кои комисијата ќе биде во состојба да предложи визна либерализација. Ние сакаме односите меѓу Косово и Србија да бидат поставени на нова основа. Од суштинско значење е Косово и Србија да ги регулираат своите односи и да се движат кон Европа“, додаде Јункер. На прашањето кога Косовците ќе можат слободно да се движат без визи, Јункер рече дека не може да даде датум бидејќи тоа е прашање кое зависи од Косово.