Завршна конференција за проектот „Моето здравје е мое право“ на НРЦ во Куманово

Од:

Покрај достапноста на здравствени установи, се уште има жени кои воопшто не се јавуваат кај лекар, особено тоа е забележливо кај ромската популација, покажува истражувањето кое го спроведе Националниот Ромски центар во рамки на проектот „Ајде да зборуваме, моето здравје е мое право“.

Испитувањата кои биле извршени во декември минатата година, а беа презентирани вчера на завршна конференција во Куманово, покажуваат дека најчесто жените од сите етнички заедници посетуваат лекар само кога се болни.

– Жените, генерално, а посебно Ромките воопшто не одат на лекар превентивно и не ги знаат своите права, им недостигаат информации можеби и поради фактот што има обемни административни процедури при посета на лекар, здравствените работници не можат доволно да им обрнат внимание за да ги информираат што треба да преземат за зачувување на здравјето. Системот треба да го намали обемот на администрација за да можат општите лекари и гинеколози суштински да се посветат на пациентите, изјави координаторот на проектот, Себихана Скендеровска.

Истражувањето било спроведено меѓу 120 испитанички од Куманово и Кочани и матични лекари и гинеколози од двата града. Лекарите од двата града се сложуваат дека Ромките недоволно ги користат здравствените права и услуги, додека кај останатите етнички заедници ситуацијата е подобра во одреден процент.

– Како бариера Ромките ја истакнале финансиската состојба, далечината на ординациите, плаќањето на партиципацијата, наплатата на прегледи и неможноста да се земат рецепти, додаде Скендеровска.

Истражувањето покажало дека се уште има предрасуди кај жените од ромската етничка заедница за посета на гинеколог и симтоматично според НРЦ, е незначителниот процент на жени Ромки кои побарале решение за лекување на неплодност, што според нив, укажува на присутна социолошка бариера за третирање на овој проблем.

Од НРЦ велат дека во иднина во соработка со здравствените установи ќе работат на зголемување на свесноста кај жените Ромки од превентивно одење на лекар, зголемување на степенот на информираност за употреба на модерни методи за семејно планирање со што ќе се намали потребата од абортус и степенот на информираност за превенција од сексуално преносливи болести. Од Националниот Ромски центар посочуваат дека има позитивен исчекор во однос на менувањето на традиционалните норми и јакнење на моќта на жените, но дека треба да се продолжи со активности во овој правец и да се осмислат интервенции за јакнење на жената Ромка, како најважен предуслов за унапредување на нејзиниот здравствен статус.

Би можело да ве интересира

МВР: Лажни се пријавите за поставени бомби во училишта во Скопје и Куманово

Горан Наумовски

Кандидатката за градоначалник на Куманово од „Искуство за успех“ вети три клучни проекти за развој на Куманово

Стоиљковиќ: „Братска листа“ во Куманово ја сочинуваат луѓе со интегритет, познати лица и професионалци

Шаини: Лага е дека мојата сопруга сака да ме убие

Горан Наумовски

Уапсена е сопругата на докторот кој вчера беше застрелан во Куманово, напаѓачот е во бегство

А1он

Докторот Шаини кој вчера беше ранет во центарот на Куманово е пуштен на домашно лекување