ЕK не потврдува, ниту демантира дека Филе бара трилатерален состанок со Попоски и Авромопулос

Од:

Европската комисија не сака да каже дали комесарот за проширување Штефан Филе испратил писма до министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Попоски и Димитрис Аврамопулос, во кое им предлага трилатерална средба.

На прашање на дописникот на МИА од Брисел дали постои такво писмо и дали Комисијата влегува како директен олеснувач во разговорите за разликите околу името кои се одвиваат под капата на Обединетите нации (ОН) и медијаторот Метју Нимиц, Петер Стано, портпарол на Филе, ниту потврди, ниту демантира.

– ЕК не коментира објави на медиуми, ниту индивидуални работи на комесари, како што е испраќање на писма до партнери, па затоа немам коментар во врска со ова, гласи одговорот на Стано. Сепак, тој додаде дека решавањето на спорот за името е процес кој го води ОН, а што интензивно го турка Нимиц, кого, според Стано, ЕУ максимално го поддржува во тоа.

Гласноговорникот на еврокомесарот за проширување го повтори и ставот на Унијата во врска со прашањето за името, потенцирајќи дека ЕК ургира двете земји да најдат солуција брзо да го решат ова прашање, повикувајќи се на заклучоците на последниот Самит на Европскиот совет каде се потенцира потребата од ставање на дефинитивен крај на долгогодишната дискусија.

Еврокомесарот Филе, како што пренесе Дојче веле, побарал од двете страни да назначат свои претставници во трилатералниот формат што го предлага, а за негов личен преставник го назначил директорот на генералниот директорат за проширување на Европската комисија, Стефано Санино.

Портпаролот на еврокомесарот Филе го истакна и ставот на Комисијата во врска со посетата на Санино на Македонија. Тој повтори дека целта на посетата на Санино е да се сретне со сите релевантни фактори, како што се претставници на Владата, на Собранието, на опозициските партии, цивилното општество и новинарите со цел да го види напредувањето во комплетирањето на задачите од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД).

– Санино е се уште во Скопје и има средби со сите важни партнери на ЕУ во ПЈР Македонија. Се разбира дека на средбите тој дискутира и за сегашната политичка ситуација што ја дефокусира вашата земја од ЕУ-агендата. Ставот на официјален Брисел е јасен и го изразивме во заедничкото писмо со САД пред некое време, а тоа е дека ги повикуваме сите страни во земјата да започнат конструктивна  работа и дискусија во парламентот за државата да напредува на нејзината европска агенда, заклучи портпаролот Стано.

Како што е познато, Европската унија има јасен став против делувањето на најголемата опозициска партија во Македонија и нејзиното избегнување на учество во работата во законодавниот дом. Брисел не ја поддржува ниту намерата на СДСМ за бојкот на локалните избори, а уште помалку идејата за организирање на предвремени парламентарни избори што би ја дефокусирале нашата земја од стратешките работи како што пред се е евро-атлантската интеграција.

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Димитров сугерира разрешување на Мизрахи, Министерството не е нејзин приватен стан

Ана Ололовска

На бугарскиот граничен премин „Ѓуешево“ се уште се користи „ПЈРМ“

Драган Поповски