Амбасадорката на Република Украина, Наталија Задорожњук денеска ја посети општина Крива Паланка.
На средбата со градоначалникот Борјанчо Мицевски и претседателката на Советот на општина Крива Паланка, Изабела Павловска, таа посочи дека Украина и Македонија се пријателски земји, а развивањето на соработка, според неа, покрај на повисоко ниво, на ниво на држави, како што рече, би сакала да се развива и на регионално и локално ниво.
– Крива Паланка има можности и потенцијали и одлична географска локација. Ние со градоначалникот разговаравме за конкретните можности за идна соработка, како на пример, во однос на најавената гасификација на општината, а ние имаме одлично искуство во поле на гасификација, не само во изградба, туку и во стручноста на кадрите од оваа сфера. Говоревме и за можни инвестиции, бидејќи во близина на овој град веќе има украинска фирма која се занимава со одгледување живина, па се надевам во иднина ќе има и други инвестиции, рече Задорожњук.
Како што нагласи, на средбата било разговарано и за можно збратимување на Крива Паланка со украинскиот град Перечин.
– Би било одлично доколку оваа општина се збратими со сличниот по местоположба и демографија град во Украина, Перечин, кој има 18.000 жители и погранична геостратешка положба. Сакам да му заблагодарам на градоначалникот за средбата која сигурна сум, ќе даде добри резултати, додаде Задорожњук.
Градоначалникот, Мицевски рече дека би сакал почетната инвестиција на Украина во Република Македонија, со рестартирање на фармите во село Псача, Ранковце да биде само старт на долгорочна и плодна меѓусебна соработка на двете држави.
– Се надевам со оваа инвестиција, која искористува во моментот само 20 отсто од постојните капацитети на фармите, ќе се прошири соработката и во иднина ќе соработуваме многу повеќе. Кога говориме за гасификацијата, се надевам дека по објавување на тендерот за изградба на примарна и секундарна гасификациска мрежа, дел од фирмите од Украина кои го имаат своето поле на интерес и дејствување во овој сектор, ќе пројават интерес за соработка. Свој стручен кадар Украина може да понуди и на изградбата на железничката пруга Бељаковце-Крива Паланка, рече Мицевски.
Договорена е првична размена на писма и остварување контакт со општината Перечин и очекувам соработката што поскоро да се воспостави.
– На оваа средба си ветивме и дека ќе си помагаме на патот кон евроинтеграциите, бидејќи можеби Македонија е малку подолго во процесот на преговорите, но би сакал со нашето искуство да и помогнеме на Украина и по извесен период да станеме членки на ЕУ и НАТО, додаде Мицевски.