По сведочењето на пратеникот и лидер на Алјансата за Албанците Зијадин Села за насилствата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година денеска во Кривичниот суд треба да го продолжи судењето на обвинетите за обидот за негово убиство.
Тројца вештаци на Обвинителството денеска ќе бидат сослушани од судот за обидот за убиство на пратеникот. Според динамиката на судење, која ја наметна судијката Славица Андреевска, поканети се двајцата вештаци кои беа присутни вчера во судот, заедно со уште еден професор-вештак.
Села вчера даде исказ за случувањата во Собранието. Кажа дека во прес-салата бил удрен со монитор и со копје од знаме и оти слушал закани упатени кон него дека ќе биде убиен.
Во овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.