Пратеникот Зијадин Села во сведочењето пред судот рече дека гневните напаѓачи фрлиле директно кон него монитор од компјутер и копје од знамето.
„Кратко потоа почнав да се зашеметувам“, се присетуваше Села на нападот од 27 април.
„Бев во прес-салата, лево од говорницата, кога влезе толпата. Пред мене беа колегите Реџаил Исмаили и Сурија Рушити. Толпата извикуваше ‘предавници, ќе ве убиеме, каде ќе одите?’ Јас слушнав само ‘Села каде ќе одиш, ќе те убиеме’“, рече Села.
Додаде дека врз главата му паднала и една од штиците што ги фрлале кон нив. Села раскажа дека кога двајцата пратеници не биле повеќе пред него, тој бил директно изложен на толпата.
„Откако Рушити и Исмаили излегоа, ме удираа кратко време, ме фатија за главата и ме удираа со рацете“, рече Села.
Тој го препозна обвинетиот Игор Југ. Рече дека бил ќелав и со брада, а во собраниската сала влегол меѓу првите.
„Пцуеше и викаше“, се присетуваше Села.
„Друго лице од толпата имаше очила на главата и носеше кожено елече. Тоа лице, откако изгубив свест зашто немаше воздух и бев повреден, ми пријде и рече: ‘Еве го Села. Ајде Села’. Последните удари на кои се сеќавам беа во главата и телото“, сведочеше пратеникот.
Во кривичниот суд денеска продолжи рочиштето за напаѓачите на пратеникот Зијадин Села. На обвинителната клупа повторно седнаа обвинетите Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески – Кобра, како и Кире Ѓоргиевски и неговиот татко. Последните двајца беа уапсени во мај минатата година, како осомничени за физички напад и влечење на Села, кој потоа во критична состојба заврши во болница.
В. Маглешов