Со диско музика автобусот на ЈСП со број 50 се врати во ГТЦ. Автобусите повторно застануваат во подрумот каде што денеска имаше бина од која диџеј пушташе музика. На настанот имаше голем број на луѓе, а во автобусите што пристигнуваа на старо-новата постојка најбројни беа пензионерите.
Според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, целта на враќањето на „пееска“ во ГТЦ е враќање на животот на трговскиот центар.
„ГТЦ го браневме, го гушкавме, излеговме на референдум, а сега е време да му го вратиме животот“, рече Шилегов.
Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, најави дека во иднина на постојката во подрумот ќе се врати и 57-ка.
„Овие темни и празни места зад нас некогаш беа полни и светли. За нешто да живее треба да има движење на луѓе, не ми е јасна причината поради која овие две линии, 50-ка и 57-ка, беа одземени. Ние тука сме да ја исправиме грешката. Сега ја враќаме 50-ка, а во иднина и 57-ка“, рече Трајчевски.
На пуштањето на автобуската постојка беше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. „Во 2015 година заедно со невладините организации и граѓанските движења почнавме битка за да го спасиме ГТЦ од гипс, сега имаме нова битка – ГТЦ да добие нов дух и да го вратиме животот. Верувам дека ќе успееме да го направиме ГТЦ подобро место за сите нас“, рече Богдановиќ.
Додека траеше музичкиот хепенинг, организиран од Град Скоје, полни „пеески“ неколку пати застанаа и симнаа патници на автобуската постојка.
М.И.П.