Груевски и Јанкулоска фаворизирале економски оператор за набавката на „мерцедесот“

Од:

Денеска во кривичниот суд по две одложувања почна главната расправа за набавката на екстралуксузниот „мерцедес“. Во воедниот збор на обвинителството, беше посочено дека најмалку што се очекува од највисоките функционери на Министерството за внатрешни работи е да не ги почитуваат законите и да потпаѓаат под разни незаконски влијанија. Во овој случај ќе докажеме дека во 2012 година обвинетиот Никола Груевски, како премиер со искористување на своето реално влијание и службена положба, побарал од обвинетата Гордана Јанкулоска како министерка за внатрешни работи во Владата да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши и тоа, да се спроведе јавна набавка во која Министерството за внатрешни работи ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило од марката „мерцедес“ модел С 600 Гард, така што во постапката да се фаворизира економскиот оператор „Мак аутостар ДООЕЛ Скопје“. „Обвинетата Гордана Јанкулоска за да го исполни барањето на обвинетиот Никола Груевски со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски, службено лице – помошник на министерот за внатрешни работи, да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Ова ќе го докажеме од аудиоснимките и од другите предложени докази“, рече обвинителот Стевчо Донев.

„Од писмените докази и изјавите на сведоците ќе докажеме дека обвинетиот Ѓоко Поповски, кој бил службено лице – помошник на министерот за внатрешни работи, за да го исполни барањето на обвинетата Гордана Јанкулоска, на незаконски начин со искористување на својата службена положба и овластувања при вршење јавни набавки, прибавил за економскиот оператор „Мак аутостар ДООЕЛ Скопје“ корист што се состои од доделување договор за купопродажба, сервисирање и одржување на блиндирано патничко моторно возило марка ‘мерцедес модел С 600 гард’. Од писмените докази од Државниот завод за индустриска сопственост и од сообраќајно-техничкото вештачење произлегува дека обвинетиот Ѓоко Поповски, со цел економскиот оператор „Мак аутостар ДООЕЛ Скопје“ да нема конкуренција во постапката, а и за неговото фаворизирање, ставил повеќе технички спецификации што се однесуваат за возилото ‘мерцедес С 600 гард’ кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки и без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените во тендерската документација“, дополни Донев.

Во постапката само економскиот оператор „Мак аутостарДООЕЛ Скопје“ дал понуда на 15.05.2012 година и бил единствен понудувач. „Ќе докажеме дека обвинетиот Ѓоко Поповски, иако бил свесен за незаконското фаворизирање на економскиот оператор и за нерационалното искористување на средствата на Министерството, сепак, склучил договорот за јавна набавка со економскиот оператор „Мак аутостар ДООЕЛ Скопје“ со вредност на договорот од вкупно 35.226.000 денари. „Од аудиоснимките ќе докажеме и дека иако јавната набавка била спроведена како да е за потребите на Министерството за внатрешни работи, обвинетата Гордана Јанкулоска го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да го стори кривичното дело за потоа возилото од Министерството за внатрешни работи да се даде на користење и на претседателот на Владата на Република Македонија, на обвинетиот Никола Груевски, кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но не сакал во јавноста да се дознае дека тој како претседател на Владата користи такво луксузно возило“, изјави обвинителот пред судискиот совет. За главната расправа на 12, 15 и 21 март, кога почнува доказната постапка, треба да бидат сослушани десетина сведоци на обвинителтвото.

В. М.

Би можело да ве интересира

На Груевски му застарува затворската казна во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот

Катерина Ѓуровски

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави

Врховниот суд пресече за „Плацеви на Водно“ – за Груевски останува казната од Апелација

Османи: Груевски треба да биде во Македонија и тука да се соочи со правдата

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Џафери: Добив материјал со измените на Кривичниот законик, но не од Груевски

A1on