Адвокатот на експремиерот Никола Груевски и ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Боро Тасевски, од судот побара 8-те бомби да не бидат доказ во постапката за „Тенк“. Четири од нив биле јавно објавени пред СДСМ да му ги предаде на обвинителството, односно биле објавени на „Јутјуб“ и како такви, според адвокатот Димитар Дангов, тие докази се контаминирани и затоа судот не смее да ги изведува.
Цедињата за аудиоснимките, според Дангов, се де факто материјални докази, но претставуваат вербални докази. Обвинителот Стевчо Донев од СЈО рече дека обвинетите имале време за увид и препис на доказите и во време на истрагата, а и сега дополнително. Донев се повика на решението на Апелациониот суд дека бомбите се доказ во кривичната постапка
Судијката го опомена Груевски да не дофрла од место кога не му дала збор кога претходно тој кратко го коментира барањето за издвојувањето на бомбите како доказ. Адвокатите бараат СЈО да докаже дека е надлежно да постапува по предметот. Обвинителката Ленче Ристоска се повика на оценката за обвинението на судот донесено лани во ноември. Таа рече дека за тоа дали бомбите ќе бидат доказ судот може да утврдува во главната расправа во доказната постапка.
Адвокатите ги бараат и сите останати бомби, а не само тие осум зашто обвинетите, според адвокатите, имале и други разговори. Тие, исто така, бараат вештачењето на СЈО да не бидат доказ, зашто го вршело странско лице кое не е регистрирано за спроведување на вештачења. Адвокатката Сања Алексиќ рече дека треба судот да утврди дека вештакот Страхил Глигоровски кој го извршил вештачењето, имал соодветна лиценца.
„Еден од потписниците на вештачењето е и Тале Герамитчиоски, ексминистер и пратеник на СДСМ. Правното лице кое го правело вештачењето е на Димитар Бузлески“, рече адвокатот Боро Тасевски. СЈО рече дека не ја коментира политичката определба на вештаците. „Тие одговараат пред законот за содржината на вештачењата“, рече обвинителот Донев.
Во предметот „Тенк“ обвинети се Груевски, Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра.
Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.
В. М.