Македонската берза отсега наместо девет ќе има осум членови на Одборот на директори. Со одлуката за измени и дополнувања на Статутот на Македонската берза се укинува функцијата втор извршен член на Одборот на директори со што отсега одборот ќе биде составен од седум неизвршни и еден извршен член.
Со тоа извршниот член на Одборот на директори ќе биде главен извршен директор на Македонската берза и тој ќе ги извршува сите овластувања кои досега ги вршеше вториот извршен директор.
Одлуката за измени и дополнувања на Статутот на Македонската берза беше одобрена на вчерашната седница на Комисијата за хартии од вредност.
На седницата, Комисијата за хартии од вредност даде согласност и за Одлуката за измени и дополнувања на Правилата за работа на Централниот депозитар за хартии од вредност. Со измените се воведуваат одредени процедури, кои досега не биле утврдени во правилата за работа, кои се дел од секојдневното работење на Депозитарот. Измените се воведуваат на барање на членките на Депозитарот.