Развојот на младинскиот фудбал претставува врвен приоритет за Фудбалската федерација на Македонија. Средствата што УЕФА ги доделува за потикнување на младинскиот фудбал, ФФМ во изминатите години (повеќе од една деценија) ги распределуваше за развој на младинскиот фудбал во сите категории за набавка на опрема, реквизити и други потреби. Оваа сезона по барање на дел од клубовите (учесници во натпреварувањето во Првата МФЛ 2016/2017) овие средства што потекнуваат од Солидарниот фонд од шампионската лига ќе се распределат за развој на младинските екипи само на професионалните клубови, односно на клубовите од Првата МФЛ во сезона 2016/2017 како носители на УЕФА-клупското натпреварување.
Средствата што годинава достигнаа износ од 457.195 eвра, што претставува двојно зголемување во однос на претходните години ќе се распредели на клубовите од Првата МФЛ кои се натпреварувале во сезоната 2016/2017 година, и тоа: ФК Вардар, ФК Шкендија, ФК Работнички, ФК Пелистер, ФК Ренова, ФК Силекс, ФК Победа, ФК Шкупи, ФК Брегалница и ФК Македонија Ѓ.П.. Средствата се строго наменски – за развој на младинскиот фудбал и ќе подлежат на посебна ревизија од страна на УЕФА и ФФМ.
„Искажуваме голема почит кон сите клубови. Со оваа одлука на Фудбалската федерација покажуваме дека соработката со клубовите е на високо ниво и дека имаме единствена цел – да се грижиме за добар развој на фудбалот. Се надевам дека во иднина таа соработка ќе биде уште подобра, тоа е единствениот начин за подобри резултати. Не мораме секогаш исто да размислуваме, секој има право да го изнесе своето мислење, но потоа заеднички да го направиме тоа што е најдобро за македонскиот фудбал. Оваа одлука произлезе токму од таквиот начин на комуникација и разбирање со претставници на клубовите. Фудбалот во Македонија ќе се развива само ако секој го дава својот придонес и се грижи за подобрување на условите. Во ФФМ се залагаме токму за тоа и нè радува што постои единство и меѓу клубовите токму како во фудбалската екипа. Изминатиот период сите се гордеевме на резултатите што ги постигнуваа нашите младински тимови, голем удел во тоа имаат и клубовите и искрено се надеваме дека овие средства ќе се искористат токму во таа насока – да продолжиме да создаваме услови за квалитетни млади фудбалери“, изјави Илчо Ѓорѓиоски, претседател на Фудбалската федерација на Македонија.