Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, информираат во утринското соопштение од Авто-мото сојузот на Македонија. Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на планинскиот превој Буково каде наместа има остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со слаб интензитет има и на планинскиот превој Стража и во Крушево, кој во моментов не се задржува на коловозот.
На патниот правец А2 Кичево – Охрид (помеѓу село Подвис и село Попоец) поради вода на коловозот сообраќајот се одвива по една коловозна лента. Исто така на патниот правец Р-1305 Кичево – Битола (кај селото Белица) поради свлечиште сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а екипите на ЈП Македонија пат со механизација работат на расчистување и нормализација на сообраќајот. На влезот за селото Долно Орашје, тетовско, на патниот правец кој води од село Јегуновце кон село Радуша се излеала водата од Голема река, поради што патниот правец е во целосен прекин.
Намалена видливост поради појава на магла од 150 – 200 метри има на патниот правец Велес – Катланово.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.