Филмови за „Крафтверк“, Лиса Жерар, Лу Рид и Дејвид Боуви ќе бидат прикажани на претстојното т.н. Зимско издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ што ќе се одржува на 2 и 3 февруари во Кинотека на Македонија.
Како што најавуваат организаторите, Зимското издание е прв од четирите филмски настани планирани годинава во различни периоди (циклус наречен „Четири годишни времиња“) и на него ќе бидат репризирани дел од филмовите од третиот „Скопје Синема Сити“ одржан во 2017-та.
На програмата во петок се „Kraftwerk: Pop Art“ и „Lisa Gerrard: Sanctuary“, а во сабота „Remembering Lou Reed“ и „David Bowie at the BBC“.
Карти може да се купат на билетарницата во Кинотека.