Филмски циклус посветен на современиот ирански филм ќе се одржи од 22 до 27 јануари во Кинотеката на Македонија.
Иранската кинематографија е една од најистакнатите светски кинематографии. Иранските филмови се препознатливи по својот реализам, непретенциозност и едноставност во изразот. Но, преку тие навидум мали приказни се рефлeктира не само иранското општество туку и некои универзални човекови дилеми. Такви се и филмовите од оваа селекција. Тоа се филмски наслови од поновата иранска продукција, од признати ирански режисери, директори на фотографија и познати актерски имиња, кои имаат значајно место во светската кинематографија и имаат освоено голем број фестивалски награди.
Во рамките на Деновите на иранската кинематографија ќе бидат прикажани филмовите „Слаткиот вкус на имагинацијата“ во режија на Камал Табризи (22 јануари), „Еднаш љубов и предавство“ во режија на Давуд Бидел (23 јануари), „Базен за сликање“ на Мазијар Мири (24 јануари), „Сосема сам“ во режија на Ехсан Абдипур (25 јануари), „Коцка шеќер“ и „Толку блиску, а толку далеку“ во режија на Реза Миркарими на 26 и 27 јануари.
Програмата се реализира со помош на Амбасадата на Исламската Република Иран во Скопје во чија селекција се и филмовите. Влезот за проекциите е бесплатен.