Во Обвинителството за организиран криминал и корупција исказ даде Јохан Тарчуловски, потврди неговиот адвокат.
Тарчуловски за прв пат даде исказ за настаните од крвавиот четврток.
Тој вчера побара од судијката Весна Димишкова, која му одреди куќен притвор, да му дозволи да присуствува на обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред пратениците.
Според дописот, Тарчуловски наведува дека неговото присуство на седницата е во насока на неговите заложби и ветувања пред граѓаните за целосна интеграција на Македонија во евро-атлантските структури.
„Почитувана судија Димишкова, преку медиумите беше објавено, а воедно и најавено преку веб-страницата на Собранието, дека на 18 јануари во 12 часот во парламентот ќе се обрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Имајќи го предвид ова, како и фактот дека со решение на Основниот суд Скопје 1, одделение за организиран криминал и корупција, определена ми е мерка куќен притвор, Ве молам во периодот од 11 до 15 часот да ми биде дозволено од страна на судот да присуствувам на обраќањето на Столтенберг. Ќе ми биде особена чест и задоволство да го слушам неговото обраќање во Собранието бидејќи сум голем поддржувач на нашата интеграција во НАТО и ЕУ“, се вели во барањето.