Најмалку 20 лица се повредени, а неколку беа заробени во урнатините, по експлозија во белгискиот град Антверпен, која оштети неколку згради. Полицијата во Антверпен изјави дека експлозијата не била поврзана со терористички напад и информираше дека веројатно се должи на истекување на гас.
Експлозијата одекнала во италијанскиот ресторан „Примавера“ во областа на Парденмаркт, а од нејзината јачина се урнала зградата во која бил сместен ресторанот.
Полицијата соопшти дека повредените се здобиле со помали повреди, додека седум лица биле спасени од урнатините.
Локалните медиуми објавија дека уште три згради биле оштетени по експлозијата во италијанскиот ресторан во округот Парденмаркт, кој е особено омилен меѓу студентите.
Според информациите, урнатините се нестабилни, што дополнително ја отежнувало спасувачката операција.