Папата Франциско предупреди на опасност од нуклеарна војна велејќи дека светот се наоѓа на самиот раб.
„Мислам дека сме на работ. Јас навистина се плашам од тоа. Доволен е само еден инцидент“, рекол Папата за време на летот кон Чиле.
Папата често пати предупредува на опасност од нуклеарна војна и апелира до земјите дека не треба да развиваат такво оружје, дури ни за одбрана.
Пред да влезе во авионот, тој на новинарите им поделил фотографија од 1945 година на која се гледа момче од Јапонија како го носи неговиот мртов брат на рамена по нуклеарниот напад на САД врз Нагасаки.
„Оваа слика вреди повеќе од илјада зборови. Поради тоа сакав да ја споделам со вас“, рекол Папата.