Маршрутата на мигрантите преку Западен Балкан повторно е активирана и значително се зголемува бројот на нелегални мигранти кои се обидуваат преку регионот да стигнат до западниот дел на Европа, изјави босанскиот министер за безбедност Драган Мектиќ.
– Приливот на се поголем број мигранти е проблем за земјите од регионот и треба нешто да преземеме, истакна Мектиќ на прес-конференција во Сараево.
Според него има основа за сериозна загриженост во врска со таа состојба и дека клучниот проблем е пропустливоста на границата меѓу Албанија и Црна Гора. Мектиќ смета таа граница треба да биде затворена што поскоро.
– Решението треба да се бара на границата меѓу Албанија и Црна Гора, или Албанија и Грција, бидејќи кога мигрантите ќе влезат на територијата на Западен Балкан, тоа станува сериозен проблем, рече Мектиќ.
Тој истакна дека постојат цврсти докази за организирани криминални групи кои ги пренесуваат илегалните мигранти преку босанска територија. Полицијата и судските власти преземаат мерки за разбивање на овие канали и казнување на трговците со луѓе.