Бранко Црвенквски и СДСМ треба да се вратат во Парламентот и да учествуваат на претстојните локални избори. Така функционира демократијата – во Парламентот и преку гласачката кутија, вели американскиот аналитичар Џејсон Мико за илјадитото издание на „Гласот на народот“.
– Бранко Црвенковски и неговите сојузници се стари комунисти, ништо повеќе, ништо помалку. Тие формираа Влада претходно, но без успех. Доколку тие беа успешни претходно, би биле реизбрани, но не беа. Луѓето одлучија дека политиките на левицата, не се политики кои ќе ја придвижат Македонија напред. Бранко и СДСМ треба да се вратат во Парламентот и да учествуваат во претстојните локални избори. Така функционира демократијата – во Парламентот и преку гласачката кутија. Доколку СДСМ и нивните сојузници имаат подобри идеи, луѓето ќе ги изберат. Меѓутоа, мислам дека СДСМ знае дека нема никакви добри идеи за Македонија, тие знаат дека не можат да се натпреваруваат на пазарот на идеи и затоа сакаат да ги бојкотираат изборите. Тоа е жално за Македонија, рече Мико.
За можноста од дестабилизација на земјата со протестите од страна на СДСМ, Мико дециден дека таа партија и нејзиниот лидер „се многу слаби, немаат вистински аргументи на нивна страна, ниту план или политика“.
– Тие не нудат ништо освен да ја турнат власта долу. Огромно мнозинство на граѓани во Македонија признаваат дека СДСМ е во банкрот на идеи и дека ја игра истата стара и заморувачка игра на секои избори. Таканаречените „протести“ на СДСМ нема да ја дестабилизираат земјата, вели Мико.
Тој не верува ниту дека е можно Белградско сценарио, како што оценуваат некои политичари, бидејќи, вели, македонскиот народ нема да го дозволи тоа.
Според него, секогаш постои можност членството на СДСМ да го собори Бранко. Tоа зависи од нив оти не е Западот тој што треба да го промени СДСМ и неговото раководство.
– Секоја земја има потреба од лојална опозиција. А лојална опозиција е здрава за демократијата. Меѓутоа, СДСМ стана пречка за земјата и за демократијата. Јас верувам дека има многу паметни луѓе во СДСМ кои може да го подобрат раководството во партијата, кои ќе бидат лојални на државата и нема да повикуваат на бојкот. Веројатно не би се согласил со нив за идеолошките прашања, но би сакал да видам нови лица и свежа крв во нивната партија за доброто на Македонија. Верувам дека СДСМ може да има раководство со лица кои ќе се однесуваат како одговорни возрасни луѓе, смета американскиот експерт за регионот, оценува Мико.
За ненадејното појавување на грчкиот премиер Андонис Самарас на состанокот на посредникот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц во Атина со министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос вели оти не се должи на притисок од Западот и САД, туку на сфаќањето дека мора да покаже некои знаци на интерес за ова прашање и дека е „конструктивен“ со тоа што е присутен.
– Но неговото присуство на состанокот со Метју Нимиц не е важно. Станува збор за преземање активности. И грчката Влада – и минатите грчки влади – постојано покажуваат дека тие не се заинтересирани за решение. Тие се заинтересирани само да се држат до нивната страна во расправијата. Видете, Грција е единствената земја во светот што се спротивставува на македонскиот идентитет и име, па зошто остатокот од светот треба да го следи она што Грција го вели? Ова е погрешно. Доколку само Грција се противи, тогаш Грција може да има друго име за Македонија и светот може – како што повеќето земји направија – да ја признае Македонија со нејзиниот избран идентитет и име. Нема причина зошто грчката верзија на реалноста треба да ја прифати цел свет. Особено со оглед на тоа што нивната верзија на реалноста вклучува лажење и трошење повеќе пари отколку што се во можност, а потоа се потпираат на остатокот од Европа за спас на земјата, вели Џејсон Мико.