Метју Нимиц замина во Солун, каде ќе се сретне со грчкиот преговарач Адамантиос Василакис за да му ги пренесе информациите од разговорите што ги имал во Македонија со државниот врв.
Денеска Нимиц во Скопје изјави дека ќе ја забрза динамиката на преговорите во Њујорк.
„Зборувавме за специфичности, за разновидни можности, а не само општо. Изнесов некои идеи и добив одредени реакции. И знам дека ова е нешто што треба да се постигне. По мојата посета на Атина и сега на Скопје имам чувство дека постои зголемен интерес и сериозно внимание во однос на можностите за постигнување решение. Тоа е многу важно бидејќи лесно е да се каже ајде да го решиме името и да се зборува за општи работи. Но, сите знаеме дека ова е врвно прашање и потребна е голема внимателност за неговото решавање. А секако овде постои интерес за тоа“, рече Нимиц денеска во Скопје.