Министерката Мила Царовска денес во Рамстор Мол предаде десетина подароци на децата сместени во згрижувачки семејства. Овој настан е дел од „Волшебната елка на желби“ чија цел беше на децата сместени во згрижувачки семејства да им се овозможи подарок според нивните желби.
На денешното предавање на подароците заедно со Дедо Мраз, му претходеше акција во која посетителите на Рамстор Мол одбираа лампион од „Волшебната елка на желби“. На секој лампион беше испишана новогодишна желба на дете сместено во згрижувачко семејство, која граѓаните можеа да ја остварат преку купување на наведениот подарок.
„Целта на овој предновогодишен настан е децата сместени во згрижувачки семејства да ги направиме среќни и да ја почувствуваат новогодишната атмосфера“, изјави Царовска.
„Згрижувачкото семејство е многу важна и многу потребна форма на згрижување на деца без родители и без родителска грижа, со цел децата да имаат похумана грижа кога немаат биолошки семејства и да имаат што поголема топлина најблиска до можните биолошки семејства“, дополни министерката.
Според неа, потребно е да има поголем број градење на капацитети на згрижувачки семејства, и создавање нови капацитети во истите, но исто така и трансформација на големите институции како што се „Демир Капија“, „11 октомври“, „25 Мај“, „Бања Банско“.
Хуманитарната акција „Волшебната елка на желби“ траеше од 01. 12. до 26. 12. 2017 година, а беше реализирана преку соработка на Црвениот крст на град Скопје, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје и Рамстор мол, со поддршка на општествено одговорни компании.