Поранешниот француски министер за надворешни работи и шеф на меѓународната мисија на Косово, Бернар Кушнер, смета дека кончено е отворена вратата на Европската унија за земјите од Западен Балкан.
Во авториски текст објавен во порталот „ЕУ Обзервер“, Кушнер наведува дека без разлика која и да е причината за тоа – надминатата криза, подобрената економија на континетот или Брегзитот, Јункер сега смета дека е „вистинско време да се преразгледа редот на чекање и да се поделат влезници – меѓутоа само две“.
Тој смета дека иако Србија и Црна Гора важат за предводници во регионот во процесот на проширување на ЕУ, сепак и Македонија и Албанија следат по нив и треба дасе обрне внимание и на нив.
Како што посочи Кушнер 80 отсто од Албанците и 54 отсто од Македонците се за прием на нивните земји во ЕУ, за разлика од Србија каде поддршката за тоа е само 26 отсто.
– Точно е дека несогласувањето со Грција околу нејзиното име, за кое Атина вели дека е име на една од нејзините провинции и натаму претставува проблем, но имајќи ја предвид привлечноста на побрзиот прием во Унијата, очекувам дека македонските власти ќе најдат решение, пишува Кушнер околу европските перспективи на Македонија.
Поранешниот висок претставник на Обединетите нации во Приштина го поддржува и приближувањето на Косово кон ЕУ, што, според него, го поддржуваат 90 проценти од Косовците. Кушнер бара од Србија и од петте членки на ЕУ кои не го признаваат Косово да ја прифатат неизбежната разврска и да ја признаат косовската независност.
Според Кушнер, иако Србија и Црна Гора важат „за најдобри кандидати“ за следната рунда на проширување, тој процес и натаму е контроверзно прашање во двете земји. Тој смета дека Брисел ги третира Србија и Црна Гора како „најдобри кандидати“ за членство, затоа што тие би можеле најбрзо да ја смената страната и да се свртат кон Русија.
– ЕУ не е култ формиран за да ја фрустрира Русија. Тоа е унија на народи со свои амбиции, заеднички вредности, култура и перцепција како да се постигне просперитет и мир во иднина. На народите кои ги споделуваат тие вредности треба да им се даде сето можно охрабрување, вели Кушнер.