На иницијатива на градоначалникот на Гостивар, со поддршка на ресторанот „Вита Аби” и во соработка со Дневниот центар, специјалните паралелки, пејачи и спортисти од Гостивар, денеска се организираше заеднички ручек придружен со свечена програма за децата со пречки во развојот.
„Го организиравме овој скромен но мошне значаен настан, за да се дружиме со овие деца, да разговараме со нивните воспитувачи, да разбере кои се потребите за нивно воспитание и образование, и да видиме што можеме ние како Општина да помогнеме за создавање на подобри услови. Воедно дојдовме да им ги честитаме новогодишните празници и како Општина да им поделиме мали подароци на децата”, рече градоначалникот на Гостивар, д-р Арбен Таравари.
Аслијан Снопче – раководителка на Секторот за јавни дејности при Општина Гостивар, објасни дека на настанот присуствуваат ученици и воспитувачи од Дневниот центар за деца со посебни потреби и од специјалните паралелки на основните училиште „Исмаил Ќемали” и „M.K. Ататурк”.
„По иницијатива на градоначалникот одлучивме да ја организираме оваа активност со цел што повеќе да ги социјализираме овие деца, бидејќи соодветниот третман и социјализацијата, многу им помага во животот. Би сакала да изразам благодарност до ресторанот”Вита Аби”, чиј сопственик секогаш им помага на луѓето кои имаат потреба и поддржува голем број активности со социјален карактер”, истакна г-ѓа Снопче.
Децата имаа прилика да го проследат настапот на гостиварските млади каратисти подготвени од европскиот шампион во карате Берат Јакупи, ги насмеа маскотата “Kученце”, а за нивно добро расположение се погрижи Хајдар Хајдари – Дали и Бетиме Јакупи.
Од дневниот центар и специјалните паралелки им се заблагодарија на сите оние кои придонесоа за одржување на активноста и изразија надеж за поголема соработка во иднина.