Еден ипол час обвинителите на СЈО и адвокатите на обвинетите на судењето за „Труст“ се нетегаа дали двата необјавени аудио разговори помеѓу Влатко Чинговски со Никола Груевски и со Кирил Божиновски да бидат слушани на денешното судење.
Адвокатот Ванчо Митев праша што ќе докажуваат бомбите, бидејќи ако е за надлежноста на СЈО тоа никој не го оспорува, но дека тој лично не сака да ги слуша бомбите.
Адокатот Јоан Јоанидис кој е застапник на правното лице „Силекс неметали СТ“ рече дека заедно со обвинителот на СЈО Артан Ајро ги слушнал бомбите во СЈО, но дека лицата од тие разговори – Никола Груевски, Влатко Чинговски и Кирил Божиновски не му се познати. Јоанидис дополни дека тие лица не се предложени ниту како сведоци, ниту се обвинети, и токму затоа не ја гледа причината овие бомби да бидат изведени на главната расправа.
Одбраната, исто така, приговара дека ги немаа ЦД-ињата од бомбите како доказ што според нив претставува основно право на обвинетите. Иако ги имаат транскриптите од разговорите, пред Судот рекоа дека не добиле ЦД-иња од прислушуваните материјали за да побараат евентуално вештачење на автентичноста и целосноста на разговорите, дека не се обработувани и дека се целовити.
Адвокатката Сања Алексиќ побара бомбите воопшто да не се изведуваат на главната расправа во предметот „Труст“. Обвинителот Гаврил Бубевски, пак, рече дека снимките се дел од законскиот поредок на Р. Македонија, а во истрагата обвинетите биле повикувани во СЈО да ги чујат бомбите, но не го направиле тоа.
„Не сакаа да ги слушаат. Овие снимки заедно со транскриптите се дел од списите на предметот и се наоѓаат во Судот 6 месеци. Тие не се скриени и одбраната во секое време можела да направи увид“, рече Бубевски.
Тој рече дека доколку сметаат дека бомбите не одговараат со содржината на транскриптите тогаш може да биде нередено вештачење. Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска даде пауза од 20-тина минути по што ќе биде донесена одлука дали бомбите на денешната главна расправа ќе бидат слушани во судницата.
В. Маглешов