Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изјави дека изјавата на специјалната обвинителка Лиле Стефанова дека снимените телефонски разговори може да се менуваат и да се манипулира со нив е фрапантна.
„На судењето за патиштата имаше еден фрапантен момент каде што самата обвинителка јавно кажа дека постои можност разговорите да бидат манипулирани односно како што самата кажа дека може да се уфрлат детали во нив. Тоа е многу интересен детал што ги потврдува сомнежите што претходно беа зборувани. Да потсетам дека согласно член 12 став 2 од Законот за кривична постапка тие креирани материјали не може да бидат доказ во судска постапка“, рече Груевски.
Но под притисок на властите, додаде тој, Апелациониот суд во август донесе спротивна одлука иако самите судии се свесни дека тоа е спротивно на законот.
„И покрај тоа што тие разговори ниту јас ниту другите обвинети не ги признаваме, нашите адвокати ги побараа да ги имаат, и на сето тоа добија одговор дека не може да ги добијат затоа што ако ги добиеле, бранителите би можеле да уфрлат некои делови и со тоа да ги контаминираат. Јавниот обвинител рече дека разговорите може да се контаминираат, а тој ги има добиено од Зоран Заев кој знае колку контаминирани. Нè малтретираат да доаѓаме по судови“, рече Груевски.
Тој рече дека против него се води еден вид политички прогон за постигнување одредени политички цели.
„Станува збор за едно силно малтретирање од обвинителство кое е политичко создадено. Ни ставаат по 2 рочишта на ден за цел ден да бидеме во суд, а кога станува збор за Зоран Заев не може да почне неговото рочиште. Очигледно е дека судот е под таков притисок што кон нас постапува така за побрзо да бидеме осудени, а кон оној кој што во моментот е донесен да биде премиер, таму треба до бескрај судењето да се одложува и да заврши во негова полза“, рече Груевски.
Денеска во кривичниот суд беа одложени рочиштата за предметите „Траекторија“ и за насилството во општина Центар, во кои е обвинет Груевски.