Медијаторот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц денеска треба да пристигне во Македонија каде на средби со македонскиот државен врв треба да презентира одредени идеи за негово надминување, откако тоа вчера го направи во Атина.
Нимиц во Грција имаше средба со премиерот Андонис Самарас и министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос. По средбата тој изјави дека грчката Влада со голема искреност сака да се постигне договор за прашањето за името.
Медијаторот Нимиц изрази задоволство што на средбата присуствувал и Самарас и истакна дека имале „куса, но интензивна дискусија“ и информира дека презентирал некои идеи за кои разговарале во детали.
– Не сакам да го употребувам зборот предлог, туку повеќе идеи за кои зборувавме во ноември во Њујорк. Имам некои размислувања кои ги презентирав тука. Истото ќе го направам и во Скопје и да видиме дали можеме да се доближиме, рече Нимиц.
Тој нагласи дека не може да открие што презентирал и повтори дека се бара взаемно прифатливо решение за прашањето за името. Најави оти оди за Скопје за да разговара со македонската Влада и изрази уверување дека дискусиите можат да се забрзаат и да се постигне „некакво решение“.
Американскиот Стејт департмент денеска ги повика Македонија и Грција да ја искористат посетата на посредникот за спорот за името Метју Нимиц на двете земји за да се најде решение.
– Нашиот став со годии наназад е дека го поддржуваме процесот во Обединетите нации, и се надеваме дека Македонија и Грција ќе го искористат за да се изнајде решение на спорот за името, изјави за МИА висок претставник на Стејт департментот.
Од седиштето на американската дипломатија понатаму не ја коментираат посетата на Нимиц, со оценка дека очекуваат да слушнат што посредникот ќе има да каже по средбите во Атина и во Скопје.