Позитивни првични реакции од завчерашната нова рунда разговори за името во Брисел, одржана по пауза од три години, доаѓаат од медиумите во Грција, како и од Македонија.
Грчките медиуми излегоа со оценки дека е евидентно забрзување на процесот за надминување на спорот, но оти таквото раздвижување на меѓународен план може да предизвика сериозни проблеми во коалициската влада на премиерот Алексис Ципрас.
Сајтот Ин.гр пишува дека по зголемените раздвижувања во однос на прашањето за името се зголемува и притисокот врз Владата на Ципрас, а особено на неговиот коалициски партнер, Панос Каменос, од партијата Независни Грци, за изнесување јасен став по ова прашање.
„Катимерини“ ја пренесува изјавата на директорот за Дијалог за Југоисточна Европа при Универзитетот Колумбија, Давид Филипс, кој е поранешен советник во Стејт департментот во време на претседателите Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, дека односите меѓу Атина и Скопје се во својот зенит и дека 2018 година е важна поради можноста да се дојде до решение што ќе биде од корист и на двете страни.