Проекциите за отворање на минимум седум школи во исто толку градови до крајот на оваа година се натфрлени и во моментов школата за ракомет „Кирил Лазаров 7“ брои единаесет школи со повеќе од 500 момчиња и девојчиња, информира Горан Ѓорогонски од агенција КМГ Спорт.
Идејата на капитенот на македонската репрезентација и член на Нант е да овозможи ракомет за секое дете без разлика на местото и условите во кои тоа дете живее, да му се овозможи иста шанса да тренира и да сонува дека еден ден ќе го носи дресот со националниот грб.
Во моментов работат школите во Скопје, Струга, Охрид, Куманово, Тетово, Богданци, Стоајково, Чешиново- Облешево, Валандово.
– Покрај тоа што ние како организатори на овој проект сме максимално посветени во обезбедување на што подобри услови за тренинг во делот на опремување на секоја школа со се што е потребно од опрема, реквизити и топка за секое дете, нашата насока во иднина ќе оди и кон едуцирање и надградба на тренерскиот кадар како важен сегмент. Свесни сме дека без разлика на тоа колку е важно да се обезбедат врвни услови за тренинг на овие деца, сепак како клучен го гледаме факторот човек, односно особено внимание ќе обрнеме со нашите деца да работат врвни педагози и стручни лица, изјави Ѓорогонски.
Во летниот период се организираат кампови, а следниот, четврти по ред „Ракометен Камп Лазаров 7“ ќе се одржи во периодот 20 јуни-2 јули 2018 година во Охрид.