Денес, Организацијата на жени на град Скопје, со почеток во 17 часот, во малата сала на Социјалистичката партија во Скопје, ќе биде домаќин на трибина за ликот и делото на истакнатиот општественик, политичар, статистичар и научник Светлана Антоновска – македонската челична дама.
Трибина за една од најзначајните жени во современата историја на Република Македонија – личност којашто во нашето општество треба да претставува пример и модел на општествено активна и успешна жена, којашто остава неизбришливи траги во развојот на општеството, науката и државата, но и трибина за личност којашто е еден од симболите на достоинството на жената на овие простори.
Модератор на трибината ќе биде проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, а за историското значење на Антоновска и за нејзината општествено-политичка и научна активност ќе говорат: Благородна Мингова Крепиева, поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија и амбасадор на Република Македонија во Република Албанија, проф. д-р Васил Тупурковски и Виолета Цветковска, новинар и поранешен уредник во „Нова Македонија“, „Утрински весник“ и „Вечер“. Потем, активно учество со дискусија ќе земат и присутните на трибината.
На средбата ќе биде претставена и монографијата за Антоновска, објавена во октомври годинава.
Со оваа трибина се заокружуваат активностите со коишто се одбележуваат 65-годишнината од раѓањето и 1 година од прераното физичко заминување на оваа значајна личност на македонскиот XX век.