„Никогаш не сум бил на Железарските езера и не сум учествувал во петкратното убиство“, изјави Агим Исмаиловиќ, обвинет во случајот „Монструм”, пренесе Макфакс.
На продолжението од судскиот процес тој ги отфрли наводите во обвинението и рече дека не е точно она што го изјавил заштитениот сведок и еден од обвинетите, Хаки Азири.
На кобниот ден бил четири до пет пати на молитва во џамијата во Сингелиќ, бил зафатен со изработка на канализација во неговата куќа, а околу 18:30/19:00 часот бил на работа ноќна смена во интернет-кафе во Сингелиќ.
Со ова интернет-кафе работеле неговиот брат Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои моментално се во бегство.
„Покрај Железарските езера сме поминувале кога сме оделе за на гробишта, но никогаш не сум бил на овие езера”, рече Исмаиловиќ.
За неговиот брат Африм вели дека не знае каде е и дека не го видел од крајот на април. Ниту тој, ниту, пак, неговиот брат Африм никогаш не биле во Авганистан или друга арапска земја.