Група од шеснаесет ученици од средното економско училиште „Гостивар“ отпатуваа во Швајцарија, на двонеделна обука за подобрување на правата на децата.
Нивниот престој е во рамки на проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на детето“ што го спроведува Коалицијата на младински организации СЕГА, во кој училиштето е вклучено од 2012 година .
– Во рамките на овој проект во нашето училиште успешно функционира училишната заедница и дете правобранител кои работат на заштита на правата на децата, анти-дискриминација и мултикултура како и подобрување на условите за непречено спроведување на наставата во училиштето. Нашата група од 16 ученици е избрана како резултат на досегашната активна работа, информираат од училиштето.
Целта на интеркултурната размена е учениците да се здобијат со знаења и вештини за правата на децата, со принципите на меѓукултурниот дијалог и комуникација, анти-дискриминација и меѓусебно разбирање, почитување и толеранција на вредностите помеѓу различните култури.
На обуката која ќе трае до 20 декември учествуваат учениците: Емел Џеладини, Валдрин Лумани, Седат Сулејмани, Исеин Исеини, Бесар Илјази, Ерзана Мисими, Мируше Идризи, Емилија Данилоска, Окан Бајрами, Стефан Горѓиески, Леонита Селмани, Вјолца Салиу, Михаела Михајлоска, Марија Маркоска, Емилија Србиноска и Муса Фејзулахи во придружба на супервизорите: Наташа Илиевска и Миневер Черкези.