Над двесте играорци од седум до седумдесет години синоќа настапија на сцената на Национална установа Центар за култура,Крива Паланка,на концертот по повод 45-годишниот јубилеј на постоење на Културно-уметничко здружение Карпош” од градот.
Концертната програма ја отворија ветераните на друштвото, дел од играорците кои во 1972 година го основале здружението. Тие настапија со сценска адаптација на Кривопаланечка свадба, а се претстави и првиот ансамбл, но и подмладокот со: Игри и песни од Источна Македонија, Пијанец, Црногорка, Мариовска тресеница, Шопка и други.
-Задоволство е да се видат на едно место основачите на првиот ансамбл,наследниците,како и сегашните промотори на традицијата и фолклорот од овој крај на земјава, но и од цела Македонија. Фолклорот е обележје на еден народ, а културно-уметничките друштва актуализирајќи ги народната музика и игра како и материјалната народна култура, преку орнаментиката, народните инструменти и песни ,го зачувуваат битот, посочи Тодорче Тасевски, шеф на кабинетот на министерот за култура.
Рече дека Министерството ќе продолжи да ја поддржува фолклорната дејност, со надеж дека здруженијата ќе работат и ќе се презентираат во што подобри услови.
На концертот гостуваа КУД „Китка” и „Љиљан“ од Скопје, КУД „ФРА” од Чачак, Република Србија и Танцов ансамбл „Пауталија”од Ќустендил Бугарија.
-Одбележуваме 45 години исполнети со негување и презентирање на богатата фолклорна традиција. Играорците и играорките во изминатите децении на бројни интернационални фестивали, на сите светски меридијани го пренесоа богатиот Македонски фолклор. Орото нема граници, а ние ќе продолжиме да ги негуваме изворниот фолклор и вековната традиција, рече Миле Николовски, претседател на КУЗ „Карпош”.
На настанот присуствуваа: министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Љупчо Николовски, градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски, делегации од КУД „Ораовица”,Радовиш и КУД „Панче Пешев”,Куманово.
Организаторот додели пофалници и признанија за посебен придонес и поддршка на здружението, благодарници за 100 и 150 настапи за КУЗ „Карпош”, но и благодарници за првиот претседател на друштвото Богомир Смиљков и за првиот претседател, Станислав Стефановски.