Средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во кабинетот на претседателот Иванов помина конструктивно, а тема на разговор беше нормализација на политичките процеси по апсењето на трисетина лица инволвирани во настаните од Собранието, изјави премиерот Зоран Заев.
– Разговаравме отворено се со цел како одговорни субјекти преку дијалог да изнаоѓаме решенија за прашања кои се проблематични за кои било од страните во државата. Посебно беше нагласена потребата опозицијата да биде целосно инклузивно вклучена во процесите кои доаѓаат, а секако го изразуваат своето незадоволство поради случаи кои имаат одредна правна импликација изразена преку предметите кои се водат од страна на правосудните органи, рече Заев.
Тој додаде дека синоќа било договорено средбите и разговорите да продолжат и понатаму. Премиерот одби да ги коментира одлуките на судот за одредување притвор и домашен притвор.
– Не би сакал да ги коментирам судските одлуки или слично. Јас се посветувам на политичкиот аспект поради тоа што сум политичар. Очекувам да се почитуваат Уставот и законите. Да се води грижа комплетно за почитување на правните норми во нашата земја и ништо повеќе и ништо помалку, рече Заев.
Тој кажа дека верува дека во Македонија мора да има владеење на правото и дека истовремено мора да се внимава поради перспективите на државата.