Израел и Египет вршеа притисок врз САД да го бомбардираат Иран, пред да биде постигнат нуклеарниот договор во 2015 година, изјави поранешниот американски државен секретар Џон Кери.
Тој го бранеше договорот постигнат меѓу големите сили со Техеран и кажа дека повеќе претседатели и кралеви им сугерирале дека треба Иран да биде бомбардиран. Според Кери, тоа било стапица, бидејќи тие земји јавно би ги критикувале САД доколку го бомбардирале Иран.
Кери кажа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху агитирал за акција. Премиерот на Израел во октомври му честиташе на американскиот претседател Доналд Трамп во најавите за повлекување од иранскиот договор, нарекувајќи ја храбра одлука.
-Тој храбро се спротивстави на иранскиот терористички режим. Ако договорот со Иран остане непроменет, едно е апсолутно сигурно, а тоа е дека за неколку години најголемиот светски терористички режим ќе има арсенал на нуклеарно оружје и ова претставува огромна закана за нашата колективна иднина, рече тогаш Нетанјаху.