Министерката за образование и наука Рената Дескоска денеска во Министерството за образование и наука во посета ја прими Мари Тереза Моран, заменик раководител на одделението при Генералниот директорат за проширување на Европската комисија.
На средбата разговарале за отпочнатите реформи во образованието, со акцент на Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025, која треба да биде рамката на активности според која ќе се движат процесите во образованието.
– Во тој контекст, министерката Дескоска истакна дека во тек е усвојувањето на добронамерните предлози кои пристигнаа од стручната и академска јавност, кои произлегоа како резултат на јавната дебата која беше организирана во Собранието на Република Македонија. Министерката Дескоска потенцираше дека Сеопфатната стратегија за образованието треба да биде усогласена и со реформите кои претстојат на сите нивоа на образование. Притоа, таа ја подвлече потребата од реафирмирање на автономијата на универзитетите и унапредување на квалитетот на основното и средното образование, за кои пристигнаа одреден број на предлози и коментари во однос на текстот на сеопфатната стратегија, соопшти МОН.