Склучени седум договори за трговија на македонски со кинески компании на Б2Б средбите во рамки на Економскиот и трговски форум на 6. Самит на шефовите на Влади на Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Компаниите кои ги склучија договорите како резултат на конкретно вмрежување, доаѓаат од секторите земјоделство, градежништво, автомобилска индустрија, проектирање и планирање.
„Договорите значат промоција, унапредување и зацврстување на билатералната бизнис соработка. За прв пат целиот бизнис форум беше реализиран преку договорени средби на компаниите од НР Кина и 16 земји од ЦИЕ. Како резултат на напорните четири месеци работа во изминатиот период, договорите се круна на остварената соработка. Ни следи голем проект за економска соработка со НР Кина и земјите од ЦИЕ со фокус на примена на високи технологии во повеќе сектори како ИКТ, земјоделство, здравство, животна средина“ изјави Арсовска и додаде дека уште од следна недела се очекува да започне реализација на договорите со конкретна цел зголемување на соработката.
Покрај трговијата исто така и директните инвестиции се очекува да бидат главен двигател на економската соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ. Во 2016 година по однос на вкупната надворешно-трговска размена, НР Кина е 7. трговски партнер на Република Македонија. Вкупната трговска размена минатата година според официјалните статистички податоци изнесувала, 469 милиони американски долари. При тоа, остварен е извоз во вредност од 47,8 милиони долари, а увоз од 421,2 милиони американски долари.