Втор ден од работната посета на Брисел на Димитров и Османи

Од:

Во рамки на посетата на Брисел министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи остварија средба со еврокомесарот Јоханес Хан и заменик-претседателот на ЕК Федерика Могерини.

На средбите беа испратени охрабрувачки пораки за нашите европски перспективи. Фокусот на разговорите беше ставен врз потребата од интензивирање на реформскиот процес и негово преточување во конкретни резултати. Притоа беше реафирмирана поддршката на тековните реформски процеси и градењето мостови на добрососедство како силни аргументи за добивање безусловна препорака како клучен предуслов за посакуваната политичка одлука за отпочнување преговори со Унијата наредната пролет.

Како клучни моменти од суштинско значење за Македонија во претстојниот период беа подвлечени следните настани: објавувањето на Стратегијата на претседателот на ЕК Јункер за ЕУ перспективите на Западен Балкан (февруари 2018); извештајот на ЕК за напредокот (април 2018) и самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија за време на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ, во мај 2018г.

„Ако веќе се натпреваруваат, земјите во регионот треба да се натпреваруваат во реформи и резултати. Позитивен натпревар за напредни општества со европска иднина. Во Стратегијата на претседателот на ЕК Јункер, треба да има место за сите. Пресвртот во Република Македонија е најдобрата приказна од регионот за 2017 година. Во комбинација со охрабрувачкиот регионален наратив и поддршката од ЕУ можеме да направиме разлика и вистински исчекор во 2018 г. Сепак, на тој пат клучни ќе бидат резултатите од реформите” – истакна Димитров.

Министерот Димитров оствари средба и со заменикот генерален директор на Генералниот директорат за внатрешни работи Сајмон Мордју. На состанокот беа разменети мислења за унапредување на соработката со Фронтекс за антиципирање и подобро справување со предизвиците на нелегалната миграција. Притоа беше подвлечена важната улога на Република Македонија како партнер на ЕУ во соочувањето со овој глобален феномен и неговите безбедносни и хуманитарни импликации.

На средбата со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантос Силва, беше изразена поддршка на реформскиот процес дизајниран да одговори на критериумите за членство. Градењето демократија и правна држава оди рака под рака со европските интеграции.

Разговорот со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, беше искористен за презентација на нашите аргументи зошто Република Македонија треба да стане 30та земја членка на НАТО. Министерот Димитров се заблагодари за охрабрувачката поддршка во светло на неодамна потпишаната Декларација за партнерство и соработка. Средбата беше добра прилика за реафирмација на пријателството и партнерството меѓу двете земји, а се зборуваше и за Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес што идната година ќе се одржи во Обединетото Кралство.

На средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, се зборуваше за натамошно унапредување на мерките за доверба и унапредување на прекуграничната соработка. На средбата стана збор и за процесот за надминување на единственото отворено прашање, за разликата околу името. Министрите разменија мислења како претстојниот период најдобро да се искористи за постигнување напредок во процесот под покровителство на ОН, кој се очекува да биде обновен во најскоро време. Соговорниците изразија заложби за водење отворен, конструктивен дијалог во добра верба, низ кој меѓусебната доверба ќе расте и во иднина.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ