Еден од обвинетите во случајот „Монструм” кој беше концесионер на Смилковското Езеро, дента на петкратното убиство бил во просториите на Општина Илинден и лично се сретнал со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, тврди роднина на обвинетиот, објавува весникот “Коха”.
„Точно на денот кога се случи убиството, во просториите на општина Илинден се одржа свеченост за доделување на 1000-то решение по ред за легализација на бесправно изградени објекти. Ф. на оваа свеченост се сретна лично со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Овој факт може лесно да се провери на снимките од телевизиите кои присуствуваа на церемонијата“, изјавил за весникот на албански јазик „Коха“ роднина на Ф.А.
На веб-сајтот на Владата е објавено соопштението од кобниот 12 април, каде стои дека министерот Јанакиески во општина Илинден го доделил 1.000-то решение за утврдување на правен статус за бесправно изградени објекти во општина Илинден.
Ф.А. според обвинението, бил организатор и стоел зад логистиката на масакрот кај Смилковското Езеро. Според обвинителниот акт, обвинетите ги убиле петмината Македонци сакајќи да создадат чувство на несигурност и страв кај граѓаните.