Дипломатскиот клуб – Скопје ја поддржа иницијативата за именување на скопскиот аеродром „Александар Велики“ по поранешниот претседател Киро Глигоров.
„Поведен од одделни јавни манифестации, Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб ја дава својата поддршка на искажаните иницијативи, во иднина, скопскиот меѓународен аеродром да го носи името на Киро Глигоров. Воедно, Извршниот одбор на ипломатскиот клуб ја поддржува и иницијативата на Филателистичкиот сојуз на Македонија за издавање на поштенска марка по повод 100-тата годишнина од раѓањето на претседателот Киро Глигоров“, велат од Дипломатскиот клуб.
Од таму нагласуваат дека од скопскиот аеродром отпочнувале и на него завршувале бројните „походи“ на претседателот Глигоров во светот, неговите патувања посветени на мирот и пријателството, а за меѓународно етаблирање на македонската држава.
„Во негово присуство првпат во практика се воведени протоколарните манифестации како што се веење на државното знаме, интонирање на химната, постројување на почесната гарда, со кои пред светот Република Македонија се претстави како самостојна и независна држава. Од овој аеродром полетаа и првите авиони со македонски државни ознаки. Со именувањето на скопскиот аеродром со името на претседателот Глигоров, на најдостоен начин ќе се материјализира оценката за неговата голема улога во процесот на создавањето на Република Македонија како современа држава – траен паметник во колективната меморија на граѓаните на Македонија“, велат од Дипломатски клуб – Скопје.