Околу 200 градоначалници од Каталонија се собраа вчера во Белгија во знак на поддршка за сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон.
Тие протестираа во кварт околу седиштето на ЕУ во Брисел, а истовремено стотина поддржувачи на шпанските власти се собраа во нивна близина, извикувајќи „НЕ за каталонска независност“.
Градоначалничката на Англес, Астрид Десед изјави дека претставници на локалните заедници во Каталонија пристигнале во Брисел „за да им кажат на членовите на каталонската влада, кои се наоѓаат во тој град, дека се со нив и ги поддржуваат“.
Таа, исто така, им се заблагодари на белгиските власти што не го уапсиле Пуџдемон и изрази подготвеност за почеток на кампања пред одржувањето на предвремените регионални избори на 21 декември.
– Ја замолуваме Европа да не слушне. Се чувствуваме како Европејци и тука сме, во срцето на Европа, за да го кажеме тоа, порачала Десед.
Сменетиот каталонски лидер и четворица негови поранешни министри треба на 17 ноември да се појават пред суд, што ќе биде нивно прво сослушување откако белгиските власти во неделата ги пуштија на условна слобода.