Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење за двајца кандидати од листата со 23 имиња на правници, кои се јавија на огласот за државен јавен обвинител.
Според неофицијални информации, објавени од судство.мк, предност им е дадена на актуелниот член на Советот на јавни обвинители Љупчо Јовевски, како и на Елена Андреевска, професорка од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Советот информираше завчера дека апликациите на кандидатите кои имале комплетна и уредна документација се разгледани и за нив се дадени образложенија и во писмена форма се доставени до Владата.
Согласно законот, Владата на седница треба да ги разгледа кандидатурите и мислењата од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите. Потоа одлуката оди во Собранието како предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас.
Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.
Новиот државен јавен обвинител треба да дојде на местото на Марко Зврлевски, кој беше разрешен од Собранието на 17 август годинава. До назначувањето нов јавен обвините, времено функцијата ја извршува Лилјана Спасовска.