Медијаторот Метју Нимиц за време на претстојните посети на Атина и на Скопје најверојатно на маса ќе ја стави најстарата идеја за решавање на прашањето за името, а тоа е „Република Северна Македонија“.
Ова денеска го пишува грчкиот информативен портал „Капитал“ нагласувајќи дека Нимиц наместо да предлага стара идеја, требало да го „оживее“ процесот на разговори што веќе беше постигнато до некоја мера за време на неговите последни состаноци со претставниците на двете страни.
Фактот што посетата на Нимиц се совпаѓа со планираниот пат на премиерот Андонис Самарас во Берлин е знак за „ограничениот интерес“ на грчкиот премиер за процесот.
„Капитал“ посетува на позитивниот извештај на Европската комисија за Македонија но и на фактот дека, и покрај се, Европскиот совет не одобри почеток на пристапните преговори со ЕУ. „ Свесноста на Париз и Берлин за ограничената политичка издржливост на грчката влада во криза, и противењето на Бугарија (која станува се поголема главоболка за Македонија од Грција) спречија тоа да се случи, а исходот беше документ на Советот во кој решавањето на името е поставено како предуслов за почеток на пристапните преговори“, наведува грчкиот портал.